ПРОТИВ бетонизација на Карпош и неприродниот наплив на густо збиени згради, нарушеното хумано живење

Карпош 3. Се изгради Сити Мол на едно парче зелена површина и буквално врз одводниот канал, но ретко кој очекуваше дека до таа мера ќе ни го влоши нормалниот живот.

Наеднаш секој м2 поблиску до него доби атркативна цена, па почнаа да си никнуваат згради посебно во делот на Карпош 3, а паркинзите да стануваат претесни да ги опслужат и новите станари, но и поситителите на трговскиот центар. Дали да заштедат некој денар или да избегнат гужви за влез во трговскиот заради несоодветното решение за влез/излез, си ги запоседнаа парковите околу него. Тротоарите наместо за пешаци станаа паркинг простор, оставајќи ги пешаците директно на коловоз.

Наместо да се создаде некој ред, најлесното решение беше предлог за катна гаража на зелена површина, која благодарение на жителите на Карпош 3, кои организрано се спротиставија, не се изгради, но градењето на згради не прекина.

ДУПовите се менуваа преку ноќ во име на профитот, а на сметка на јавното добро и хуманиот живот. Следеа петиции и отпор при Јавните анкети. Отпорот на жителите на Карпош 3 кулминира кога повторно се претставуваа измени за ДУП З05, зацртаните маркици растеа во висина, а простори со преостанато зеленило кои биле државно земјиште преку ноќ стануваат дел од приватна парцела.

За да се спречи продажбата во четири очи на државното земјиште, активистка од граѓанската иницијатива Еко Карпош 3, 2, 1 потегна петиција за промена на законот за градежно земјиште, а воедно ова беше и едно од барањата на ЗЕЛЕН ФРОНТ.

Во законот стои дека државата може да го отуѓи (продаде) државното земјиште со непосредна спогодба (во 4 очи), за да се оформи градежна парцела, ако некој има повеќе од 30% сопственост на парцелата! Така се случи со просторот спроти Холидеј Ин, каде немаше да се градат никакви кули, државата да не го продадеше државното земјиште од 9,048 м2 во 4 очи по багателна цена на „МГ Фешн“ на Зоран Антиќ и „Обновители“ на МПЦ. ☑️ Петицијата има преку 11,000 потписи кои не смеат да бидат занемарени при измените на овој закон, кој мора да се измени за да се спречи багателното распродавање на државното земјиште за мега градби кои ни го задушуваат и она малку простор што ни останало.

Нашето АКТИВНО залагање како советници ќе остане ПРОТИВ бетонизација на Карпош и неприродниот наплив на густо збиени згради, нарушеното хумано живење.

Покрај навременото информирање на грѓаните за секој урбанистички план, барање за нивно вклучување во најраните фази на планирањето, ќе поднесуваме и иницијативи за измени на правилници и закони со кои се овозможува ваквото лудило на терен да трае.