Ваквото парковско заштитно зеленило постојано ги проследува објектите за домување како појас, рамка околу нив и претставува пример за правилно и потребно урбанистичко поставување на намените.
Денес сме посебно горди на овие паркови затоа што како резултата на 3 годишен постојан граѓански активизам и притисок врз локалната самоуправа, се успеа да не се пренаменат во паркинзи, според ДУП за Градска четврт З 02, Карпош 4.
Само дел од активностите кои нашата граѓанска иницијатива „Ние сме Карпош 4“ ги спроведе:
- граѓанска иницијатива за собирање потписи за стопирање на постапката за Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 02, Карпош 4,
- организирање на повеќе протести,
- организирање настани со кои се потенцираше значењето на парковите, пикник за дружење, садење дрва,
- се спроведе попис на дрвјата во целиот опфат на овој ДУП,
- се изработи физибилити студија за штетното влијание на овој план врз зеленилото.
Во неа меѓу другото се вели:
„Планскиот опфат со својата моментална поставеност претставува пример за еколошки чиста и архитектонско-урбанистички функционална населба. Иако локациски е поставена во рамките на три магистрални улици со висок интензитет на движење, се карактеризира со висок степен на парковско зеленило 70%, кое ги апсорбира негативните последици од сообраќајниците - загаден воздух, бучава, експонирање на населбата на преголема посетеност и џагор, немање простори за рекреација, силни ветрови и струења и сл“.
Нашето активно залагање низ годиниве било и останува за заштита на зеленилото во Карпош.